Скопје

СКОПЈЕ 

Панорама на Скопје

Главен град на Република Северна Македонија е Скопје

Сместен е во централниот дел на Балканскиот Полуостров и претставува значајна крстосница на Балканот кон Егејското и Јадранското Море. Вардар, најголемата македонска река, чиј водотек изнесува четиристотини километри, минува низ Скопје.

Во античката доба, Скопје, тогаш познат како Скупи, бил централна населба која потоа потпаднала под власта на Римјаните. Во 518 година градот бил целосно разурнат од силен земјотрес. Со доаѓањето на Словените, во 695 година, градот повторно остварил забележителен подем и го добил и своето денешно име Скопје. Во 10. век тој станал дел на Самоиловата држава и претставувал значаен сообраќаен и трговски центар. Во периодот до 15 век т.е. до потпаѓањето под власт на Отоманската империја, градот неколкупати ги менувал своите господари. Под турска власт се наоѓал до 1912 година.

Градот Скопје својата преродба повторно ја доживува по завршувањето на Втората светска војна, кога добива физиономија на модерна метропола. Но, брзиот растеж беше прекинат со катастрофалниот земјотрес што го погоди на 26 јули 1963 година. Благодарение на солидарноста на тогашната југословенска и на меѓународната заедница, Скопје повторно израсна во значаен економски, политички, образовен и културен центар.

Скопје, како културно-образовен центар, е седиште на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", на Македонската академија на науките и уметностите, на многубројни културни установи, музеи, библиотеки и друго.

Скопје изобилува со значајни културно-историски споменици, како што се: Кале, Камениот мост, Даут-пашиниот амам, црквата Св. Спас, Старата чаршија, археолошкиот локалитет Скупи со античкиот театар, манастирите Св. Пантелејмон, Св. Никита, Св. Андреа, Марковиот манастир итн.