|
П Р О Р Е К Т О Р И |
Универзитетот има четири проректори за наставa, наука, меѓународна соработка и финансии, инвестиции и развој. Правата, должностите и одговорностите на проректорите се утврдени со Статутот на Универзитетот.
|
|
ПРОРЕКТОР ЗА НАСТАВА |
Проф. д-р Соња Топузовска Проф. д-р Соња Топузовска е родена на 22.2.1965 година во Скопје, каде што завршила основно образование и гимназија. На Медицинскиот факултет во Скопје се запишала во академската 1983/1984 година, а дипломирала во февруари 1989 година со средна оценка 9,73. Истата година се запишала на постдипломски студии на Медицинскиот факултет во Скопје. Од јануари 1991 година е вработена на Институтот за биохемија при Медицинскиот факултет во Скопје. Постдипломските студии ги завршила со средна оценка 10, а магистерскиот труд го одбранила во јуни 1997 година. Во декември 2002 година го одбранила својот докторски труд.
Проф. д-р Соња Топузовска е активно вклучена во изведувањето на теоретската и практичната настава по предметите: Медицинска хемија, Биохемија и Клиничка биохемија на Медицинскиот, Стоматолошкиот и Природно-математичкиот факултет во Скопје, од 1993 година, најпрво како асистент, од 2003 како доцент, од 2008 како вонреден професор и од 2013 година како редовен професор.
Во периодот 2006 – 2009 година е назначена за ЕКТС-координатор за студентите по медицина од прва и втора година, а од 2005 до 2010 била координатор за предметот Биохемија за студентите од Стоматолошкиот факултет. Со воведувањето на ЕКТ-системот, активно учествува во наставата за предметите: Медицинска хемија, Биохемија 1 и Биохемија 2 и Клиничка биохемија на Медицинскиот факултет, Хемија и Биохемија за Стоматолошкиот факултет, Клиничка биохемија за Природно-математичкиот факултет, како и Биохемија и Дијагностички методи за тригодишните стручни студии при Медицинскиот факултет. Од академската 2011/2012 година е вклучена во наставата за докторски студии во рамките на Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, од областа базична медицина, по предметот Методи и карактеристики на базичните истражувања, а од академската 2021/2022 го организира и предметот Методи во научноистражувачка работа. Автор е на два учебника и седум учебни помагала за студенти. Била ментор на 4 доктори на науки и на 3 докторанди во тек, како и на 27 дипломски труда. Ментор е на два специјалистички труда и повеќе специјализанти по медицинска биохемија. Член е на 32 комисии за одбрана на дипломски трудови, како и за оцена и одбрана на повеќе магистерски трудови и докторски дисертации. Има рецензирано 5 универзитетски учебници и 4 учебни помагала.
Проф. д-р Соња Топузовска ја организира, ја координира и учествува во научноистражувачката дејност на Катедрата за медицинска и експериментална биохемија, од што произлегуваат над 15о научни трудови, објавени во национални и меѓународни научни списанија и презентирани на конгреси во земјата и во странство. Учествувала како истражувач во два меѓународни проекта и била раководител на национален научен проект. Учесник е во осум национални научни проекти. Во 1988 година била на стручен престој во научноистражувачката лабораторија South West Foundation for Biomedical Resarch, San Antonio, Texas, САД, а во 1994 година била во централната клиничка лабораторија во Birmingham Hospital, Бирмингем, Англија.
Проф. д-р Соња Топузовска е член на Македонското лекарско друштво, Лекарската комора на Македонија, Здружението на доктори специјалисти по медицинска биохемија на Македонија, Здружението на Балканската федерација по клиничка лабораторија (BCLF) и на Интернационалната федерација за клиничка хемија (IFCC). Потпретседател е на Здружението по биохемија и молекуларна биологија при FEBS. Член е на уредувачки одбор на научното списание на Медицинскиот факултет, Academic Medical Journal, и рецензент е на повеќе научни трудови во национални списанија: Physioacta и Prilozi, како и на научни трудови во меѓународни списанија: Journal of Atherosclerosis and Thrombosis и QJM: An Interantional Journal of Medicine. Стручен редактор е на преводот на книгата: „Општа, органска и биохемија“ од Кетрин Денистон, Џозеф Топинг и Роберт Карет.
Значаен дел од секојдневната работа на проф. д-р Соња Топузовска претставува стручната лабораториска дејност на Институтот за биохемија. Специјализација по медицинска биохемија завршила во 1995 година. Нејзиниот интерес е насочен кон електрофоретските методи за сепарација на биомолекули, па во таа насока се одвивала и нејзината стручна и научна едукација која резултира со воведување на два нови метода: методот за електрофоретска сепарација и квантификација на изоензимите на креатин киназа, како и техниките за разлевање на градиентни гелови за сепарација на ЛДЛ и ХДЛ-супкласи. Добитник е на Пофалница за заслуги во здравството од Македонското лекарско друштво во 2003 година, Диплома за постигнувања од Македонското лекарско друштво во 2008 година и највисокото признание за постигнати резултати во струката, здравството и работата – Повелбата „Трифун Пановски“ од Македонското лекарско друштво во 2019 година. Била член на Комисијата за полагање стручен испит за вештак од областа на биохемијата при Министерството за правда на Р Македонија и на Комисијата при Министерството за здравство за утврдување на услови во здравствени установи за добивање на овластување за вршење едукација на специјализанти.
Од април 2009 до септември 2016 година, проф. д-р Соња Топузовска ја извршувала функцијата продекан за настава и била член на Деканатската управа на Медицинскиот факултет. Во периодот од 2008 до денес била член и претседател на повеќе комисии и органи на Медицинскиот факултет, и тоа: Етичка комисија за истражување на луѓе, Научен одбор, претседател на Наставен одбор, Кадров одбор и Конкурсна комисија за упис на студенти, како и повеќе други комисии и тела на Факултетот, при што учествувала и во изготвување на актите на Медицинскиот факултет.
Од 2009 до 2013 година, д-р Соња Топузовска била член на Комисијата за финансии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а од 2009 година до денес е член на Стручниот совет за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2014 до 2016 била претседател на Комисијата за самоевалуација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Од 2016 до 2023 година, во два мандата била декан на Медицинскиот факултет во Скопје. Во периодот од седум години придонела за значаен развој и унапредување на наставната, научноистражувачката, здравствената и апликативната дејност на Факултетот. Акредитирани се 9 нови студиски програми, формирано е ново списание (Academic Medical Journal), финансирани се и реализирани 34 научноистражувачки проекти и 32 се во тек, значајно е зголемен договорниот надоместок со Фондот за здравствено осигурување и воведени се повеќе нови здравствени услуги. Набавена е најсовремена опрема за лабораториите, направени се инвестиции во проширување на работниот и лабораториски простор (3000 м2) и подобрени се условите за вработените.
|
|
ПРОЕКТОР ЗА НАУКА |
Проф. д-р Валентина Гечевска (v.gecevska@ukim.edu.mk)
Д-р Валентина Гечевска е родена на 9.9.1965 година, во Скопје.
На Машинскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се запишала во учебната 1984/1985 година, а дипломирала во 1989 година. Во учебната 1990/1991 година се запишала на постдипломски студии на Машинскиот факултет во Скопје, на Институтот за производно инженерство, а на почетокот на 1995 година се здобила со звањето магистер на машински науки. Докторската дисертација ја пријавила на Машинскиот факултет при УКИМ и ја одбранила во 2002 година, при што се здобила со звањето доктор на технички науки.
На Машинскиот факултет при УКИМ е вработена од 1990 година, каде што континуирано е избирана во сите наставно-научни звања. Во март 2012 година, со прв избор и во февруари 2017 година со повторен избор, се здобива со звањето редовен професор во областа производно инженерство, технологии, системи и индустриско инженерство и менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Машински факултет – Скопје, на Институтот за производно инженерство и менаџмент.
Нејзиниот истражувачки интерес е во областите: развој на нови производи, интелигентни производни процеси, CIM, PLM, Lean Manufacturing, Mass Customization, Industry 4.0, иновации и технолошки менаџмент, паметни производни технологии и управување на податоци, циркуларна економија и одржлив развој. Како професор на Машинскиот факултет при УКИМ во Скопје, ангажирана е на предметни програми на трите циклуси студии, ментор е на повеќе од 200 дипломски трудови, како и на повеќе од 80 магистерски трудови, член е на повеќе од 20 комисии за оценка и одбрана на докторски трудови и ментор е на 4 кандидати.
Од 2004 до 2008 ја извршувала функцијата продекан за наука, меѓународна соработка и развој на Машинскиот факултет при УКИМ и раководела со шест комисии на Наставно-научниот совет и Деканатската управа на Факултетот. Во периодот 2016 – 2020 година, д-р Гечевска е член на Универзитетскиот сенат на УКИМ, претставник од Машинскиот факултет во Скопје, и е именувана за член на Комисијата за наука на Универзитетот. Во периодот од 2020 до 2023 година ја извршувала функцијата проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Раководител е на WEBLAB – Центар за далечинско учење – проектна единица при Машинскиот факултет во Скопје, кој го основала во 2007 година, во соработка со Техничкиот универзитет во Торино. Од октомври 2008 година, раководител е на Лабораторијата за компјутерски интегрирано инженерство – CIM (Computer Integrated Manufacturing) центар, на Институтот за производно инженерство и менаџмент на Машинскиот факултет при УКИМ. Од март 2011 година, го основала и од тогаш е раководител на Центарот за развој и менаџмент на животен циклус на производи, PLM (Product Lifecycle Management)-центар, проектна единица при МФС, кој го основала во 2011 година во соработка со Техничкиот универзитет во Торино и Универзитетот во Марибор.
Од 2010 година, основач и раководител е на студиската програма Менаџмент на животен циклус на производи, на втор циклус студии на Машинскиот факултет во Скопје, заедничка програма на четири универзитети од регионот (УКИМ, Универзитетот во Нови Сад, Универзитетот во Загреб и Универзитетот во Сплит), развиена на основа двојна диплома со Техничкиот универзитет во Торино.
Во 2006 година, како продекан, работела во тимот кој ја стартува првата интердисциплинарна студиска програма на УКИМ, Инженерство на животна средина, на прв циклус студии, според ЕКТС со двојна диплома со Универзитетот во Фиренца, раководена од Машинскиот факултет.
Избрана е за гостувачки професор за предмети на втор циклус студии на Факултетот за технички науки при Универзитетот во Нови Сад и на Машинскиот факултет при Универзитетот во Марибор.
Во дејностите од поширок интерес, учествува во комисии и работни групи при изготвување на извештаи, стратегии и акциони планови поврзани со стратешки документи, меѓу кои: Закон за безбедност на производите – транспозиција со Европската директива (2007), член на Работна група на Светска банка за Регионална стратегија на Западен Балкан за истражување и развој кон иновативност (2011 – 2013), Национална стратегија за индустриска политика (2018), Национален патоказ за циркуларна економија (во тек) и Стратегија за национален развој (во тек).
Член е на повеќе национални и меѓународни асоцијации, здруженија и комитети, кои се од професионален и општествен интерес, каде што значајни се следните кои поддржуваат научноистражувачки активности: поканет член на Европската академија за индустриски менаџмент (EAIM) (од 2022), Друштво на машински инженери (SME) (од 1995), Борд на Европска инженерска професионална мрежа (EPN Consulting, UK) (од 2008), Борд na OpenAIRE (од 2021), Борд на Европската PLM-асоцијација за научна, академска и индустриска соработка (PLM InNET, Italy) (од 2011), Работна група за напредни производни системи и развој на производи, на Техничкиот комитет за апликации на информациски технологии, при Интернационалната федерација за процесирање на податоци (IFIP) (од 2009), Меѓународна лабораторија за претприемачка интероперабилност (InterIP-Vlab, Belgium) (од 2009), ИКТ-експертска асоцијација на МАСИТ (од 2005), управен одбор на Метаморфизис (2005 – 2015). Од 2018 до 2023 година, член е на академскиот борд на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, унапредувајќи ги научноистражувачките соработки со академските институции во Кина. Еден е од иницијаторите и од 2021 година, член е на Советот на ЦеНИИс – Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања, кој ја обединува македонската научна дијаспора, со можности за научна и меѓународна соработка со УКИМ, како и афилираност кон УКИМ.
Во својата професионална кариера, д-р Гечевска објавила над двесте (200) научни трудови, рецензирани и печатени во зборници на меѓународни конгреси, конференции и симпозиуми. Автор е над 60 научни трудови, објавени во меѓународни научни списанија, при што 23 се со фактор на влијание, во публикации индексирани во базата на Web of Science на Clarivate Analytics.
Уредник е на 7 научни монографии објавени во странство, од страна на Универзитетот во Марибор, Словенија и Техничкиот универзитет во Торино, Италија, и автор или коавтор е на 30 поглавја во научните монографии.
Во периодот 2004 – 2010 била уредник на научното списание „Машинско инженерство“, во издание на Машинскиот факултет при УКИМ, кое во тој период го издига од зборник во меѓународно научно списание, задржувајќи ја меѓународната индексација со претходниот континуитет од 35 години.
Активен член е на уредувачки одбори на четири меѓународни научни списанија од издавачи во странство, две списанија индексирани во базата на Web of Science на Clarivate Analytics и две во базата на SCOPUS, на Elsevier.
Во кариерата учествува како член или претседател на научен или програмски одбор на бројни меѓународни научни конференции, со рецензирани зборници на трудови.
Постојан рецензент е на реномирани меѓународни научни списанија, голем дел од нив со фактор на влијание на WoS (за издавачи: Taylor&Francis, Elsevier, IEEE и др.). Рецензент е на научни трудови за зборници на меѓународни конференции, за меѓународни и национални публикации, како и рецензент на осум учебници за високо образование и четири за средно образование.
Kако евалуатор на проектни апликации, учествува во евалуациони бордови на повеќе меѓународни проектни програми и институции кои поддржуваат истражувачки програми (FP7, Horizon 2020, EIT Manufacturing, Estonian Science Foundation (ETF), INCO, COST, Bureau of German Federal Ministry of Education and Research (BMBF), EC Executive Agency for Innovation (EAI)).
Реализирала повеќе од 40 студиски престои во странство (докторски истражувања на Државниот универзитет на Орегон, САД; постдокторски студии на Техничкиот универзитет во Торино, Италија; специјализација за Јапонска индустриска политика и производен менаџмент, на Јапонската агенција за интернационална соработка во Сапоро, Јапонија; PhD-нострификациска програма на Универзитетот во Марибор и Министерството за наука и технологија на Словенија; специјализации на универзитетите во Виена, Ајндховен, Торино, Прага, Братислава и Љубљана, студиски престои во земјите од регионот, како и во Германија, Грција, Италија, Холандија, Кина и др.).
Раководител/учесник e во повеќе од 30 меѓународни научноистражувачки и развојни проекти од различни донаторски програми (FP6, FP7, CIP, Horizon 2020, Horizon Europe, Life, EIT HEI, EIT Manufacturing, COST, IPA, ADA, CEI, WB, UNDP).
Раководител/учесник e во повеќе од 20 меѓународни проекти од образовни програми (TEMPUS, CEEPUS, Erasmus+).
Раководител/учесник e во повеќе од 50 проекти за трансфер на технологии, R&D, развој и иновации во компаниите, поддржани од меѓународни (GTZ, EAR, GFA, WB, UNDP) и домашни програми.
|
|
ПРОРЕКТОР ЗА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА |
Проф. д-р Александар
Скепаровски (a.skeparovski@ukim.edu.mk)
Проф.
д-р Александар Скепаровски е роден на 21 април 1971 година во Шибеник,
Република Хрватска. Основно и средно образование завршил во
Скопје.
Дипломирал применета физика на
Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
во Скопје, во 1998 година, каде што потоа ги завршил и постдипломските
студии по физика на кондензирана материја. Магистрирал во 2005 година.
Во 2007 година ја пријавил докторската
дисертација со наслов: „Електрични и диелектрични својства на ултра
тенки филмови од Ta2O5:Ti“, а ја одбранил во 2011 година на
Природно-математичкиот факултет во Скопје, со што се стекнал со звањето
доктор на физички науки.
На Природно-математичкиот
факултет во Скопје е вработен од 1999 година. Започнал како стручен
соработник, па последователно бил избиран во сите соработнички и
наставно-научни звања, заклучно со изборот во звањето редовен професор
во 2021 година.
Вклучен е во наставата на сите три
циклуси на студии по физика. На првиот циклус, додипломски студии, ја
одржува наставата по предметите Механика и Физика на тврдото тело,
додека на вториот циклус, магистерски студии, и на третиот циклус,
докторски студии, на кои е и акредитиран ментор, ја одржува наставата по
неколку специјализирани курсеви од областа на физика на кондензирана
материја.
Во рамките на неговата досегашна
наставно-научна пракса, проф. д-р Скепаровски има реализирано околу 15
студиски и научни престои на универзитети и научни институции во
Франција, Холандија, Бугарија, Грција, Романија и други. Соработува со
истражувачи од неколку земји, а има долгогодишна, интензивна соработка
со една истражувачка група од Институтот за физика на тврдо тело при
Бугарската академија на науките и друга од Одделот за физика на
Универзитетот во Јорк, Англија. Член е на Истражувачкиот центар за
животна средина и материјали при Македонската академија на науките и
уметностите.
Главно подрачје на научен интерес на
проф. д-р Александар Скепаровски се тенките изолаторски филмови за
примена во микроелектрониката, вклучувајќи ги методите за нивно
добивање, експерименталните техники за карактеризација на електричните
својства и моделирањето на транспортните процеси. Се занимава и со тенки
филмови кои поседуваат магнетски својства, како и со органски
спроводници.
Работел на 10 национални и меѓународни
научноистражувачки проекти и учествувал во својство на пленарен или
поканет предавач на повеќе од 25 научни собири (конференции,
работилници, школи и сл.). Има објавено околу 30 научни и 10 стручни
трудови.
Тој е активен член на Друштвото на
физичарите на Република Македонија од 1999 година, каде што извршувал
повеќе функции како: благајник на Друштвото, член на Управниот одбор и
претседател на Комисијата за подготовка на задачи за натпревари по
физика. Учествувал, исто така, и во низа активности поврзани со
популаризација на физиката, како и во подготовката на наши ученици за
меѓународните олимпијади по физика.
Во периодот од
2011 до 2015 година бил координатор за сите шест студиски програми на
Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Учествувал во работата на разни комисии и работни групи, меѓу кои и во
Комисијата за самоевалуација на УКИМ. Во септември 2016 година е избран
за раководител на Институтот за физика при Природно-математичкиот
факултет, а во октомври 2020 година е реизбран на истата функција.
Почнувајќи од февруари 2021 година, тој ја извршувал функцијата декан на
Природно-математичкиот факултет. На оваа функција остана сè до неговото
назначување за проректор за меѓународна соработка на Универзитетот „Св.
Кирил и Методиј“ во Скопје, во октомври 2023
година.
|
|
ПРОРЕКТОР ЗА ФИНАНСИИ, ИНВЕСТИЦИИ И РАЗВОЈ |
Проф. д-р Лазо Пендовски (l.pendovski@ukim.edu.mk)
Проф. д-р Лазо Пендовски е роден 1975 година во Скопје.
Додипломските студии ги запишал на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, во учебната 1994/1995 година, а дипломирал во 2001 година.
Од 2005 година е вработен како помлад асистент на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје при УКИМ, каде што во континуитет се избира во сите соработнички и наставно-научни звања сè до највисокото, редовен професор, во 2021 година, од полето на ветеринарната медицина.
Магистерските студии ги завршил на Медицинскиот факултет во Скопје при УКИМ, во 2007 година, и се здобил со научниот степен магистер по медицински науки.
Докторските студии ги завршил на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје при УКИМ, во 2011 година, кога се здобил со научниот степен доктор на науки од областа на ветеринарната медицина.
Од 2013 до 2017 година (со два избора) ја извршувал функцијата продекан за настава на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.
Во 2017 година, од страна на ректорот на УКИМ, назначен е за в.д. декан на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, а подоцна истата година од страна на Наставно-научниот совет на Факултетот за ветеринарна медицина е избран за декан. Во 2021 година е реизбран за декан во втор мандат и ја извршува функцијата сè до неговиот избор за проректор.
Покрај наставната дејност на додипломските студии на Факултетот за ветеринарна мeдицина во Скопје, тој е вклучен во наставниот процес на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, а е професор и акредитиран ментор на докторските студии по Ветеринарна медицина и Безбедност на храна на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.
Во 2004 година е организатор на Меѓународниот семинар за пластинација, реализиран во соработка со Министерството за образование на Р Македонија и Министерството за образование на Р Австрија. На 12. Интернационална конференција за пластинација во Шпанија, во 2004 година ја освоил првата награда за најдобар труд, а на 8. Интернационална конференција за пластинација, одржана во 2005 година, е избран за генерален секретар на собирот. Во 2007 година, во Мурсија (Шпанија), го завршил VII постдипломски курс за пластинација на ткива со полиестер – П40.
Проф. д-р Пендовски учествувал на голем број меѓународни настани, а исто така бил и поканет предавач, при што добил признанија за посебен придонес во научните комитети на бројни стручно-научни собири со меѓународно учество (конференции, конгреси, симпозиуми и сл.).
Корисник е на повеќе грантови за едукација и истражување, како: COST-стипендија за научна посета на Ветеринарниот факултет во Загреб; CEEPUS- едномесечна стипендија на Универзитетот за ветеринарна медицина во Виена (Австрија); стипендија од Министерството за наука, образование и спорт на Република Хрватска, за истражувачки престој на Ветеринарниот факултет во Загреб; научен престој од 10 месеци на Ветеринарниот факултет во Љубљана (Словенија), од програмата на Erasmus Mundus.
Активно раководел/учествувал во реализацијата на 23 научни проекти од различни програми (Tempus Joint European Project (JEP), COST, SEE-ERA-NETs, NATO-програма, FP7 и FP6-program, Erasmus+, FAO и др.), во соработка со странски универзитети и меѓународни институции.
Проф. д-р Лазо Пендовски досега има објавено повеќе од 114 научни и стручни трудови во списанија со меѓународни одбори, списанија со фактор на влијание и апстракти во земјата и во странство и е автор/коавтор на 7 книги/учебни помагала од областа на морфологијата на животните, ембриотехнологијата и благосостојбата на животните. Уредник е на 10 книги на апстракти од годишни конференции и 2 монографии за Факултетот.
Од 2013 година, тој е главен и одговорен уредник (Editor in chief) на меѓународното научно списание Macedonian Veterinary Review, кое е индексирано во најпрестижните научни бази на списанија во светот, а во Clarivate Analytics – Web of Science има фактор на влијание (IF=0.4).
Исто така, д-р Пендовски е член на меѓународните уредувачки одбори на научните списанија: Veterinary Journal of Ankara University, Meat Technology, Veterinary Journal of Republic of Srpska и Archives of Veterinary Medicine.
Д-р Лазо Пендовски активно е вклучен во работата на бројни комисии, и тоа како: член на Секторска комисија за земјоделство и рибарство при Националниот одбор за Македонска рамка на квалификации при Министерството за образование и наука, член на работно тело за разгледување на проекти поднесени во Комисијата за култура и спорт на УКИМ, член на Одбор за избор на научници на УКИМ кои покажуваат врвни резултати во научноистражувачката дејност, член на Стручниот совет за докторски студии на УКИМ, член на Работната група за поглавјето 12 (Food safety, veterinary and phytosanitary policy), за преговори за влез на Р Македонија во ЕУ, претседател на Одбор за доверба и соработка со јавноста (2013 – 2017), член на Програмски комитет за Европската програма за истражување и иновации „Хоризонт Европа“ на ниво на Министерство за образование и наука (2021), одговорен за програмата Капацитети во истражувањето и др.
Во 2021 година, проф. д-р Лазо Пендовски е добитник на специјално признание како декан, „најдобар во aгробизнисот”, за развој на едукативно-истражувачките капацитети и лаборатории по стандардот ISO 17025 на традиционалниот 88. Меѓународен саем за земјоделство, одржан во Република Србија, а коорганизиран од партнерската земја Република Чешка, во присуство на голем број стопански субјекти, производители на храна, научноистражувачки центри, агенции и високообразовни институции од областа на земјоделството и ветеринарството. Од 2023 година е избран за почесен член на Академијата за ветеринарна медицина (АВМ) при Српското ветеринарно друштво во Република Србија. Подрачје на научноистражувачки и стручен интерес на проф. д-р Лазо Пендовски е функционалната морфологија на животните, со посебен осврт на генската експресија на фактори кои влијаат врз растот на мускулите кај животните.
|
|
|