Студентскиот правобранител на Универзитетот е sui generis функција во академската заедница воведена со Законот за високото образование (Службен весник на Република Македонија бр. 82/2018). Секој универзитет избира студентски правобранител од редот на редовните студенти заради:
- решавање на прашања кои произлегуваат од академските односи
- заштита на правата на студентите утврдени со закон и со актите на Универзитетот и на факултетите
Целта на функцијата е заштита на правата и интересите на студентите исклучиво во рамките на академската заедница. Студентскиот правобранител и заменик студентскиот правобранител постапуваат по поднесок од страна на студент или по сопствена иницијатива доколку увиделе дека е повредено право на студент од страна на органите на Универзитетот или друг член на академската заедница на Универзитетот. Органите на високообразовната установа се должни да постапат по укажувањата на студентскиот правобранител.
Студентскиот правобранител, во рамките на своите надлежности е овластен:
- да посредува во спорови помеѓу студентите и органите на Универзитетот, студентите и член на академската заедница на Универзитетот;
- да дава препораки во конкретни случаи со цел разрешување на спорови;
- да презема дејствија за кои е надлежен и по сопствено наоѓање. Ако започне постапка по сопствена иницијатива, потребна е согласност од студентот на кого му се повредени правата;
- да ги стави на јавна дискусија прашањата поврзани со системот на заштита на студентските права и кршењето на студентските права, и заклучоците од тие прашања да ги промовира со цел подобрување на квалитетот на високото образование и заштитата на студентските права;
- да соработува со домашни и странски владини и невладини институции;
- да врши и други надлежности доделени од Сенатот на Универзитетот или од Универзитетското студентско собрание.
Постапката пред студентскиот правобранител се започнува со барање доставено по редовна пошта, непосредно до седиштето на правобранителот или по електронска пошта на studentski.pravobranitel.ukim@gmail.com.
Барањето задолжително мора да содржи лични податоци на подносителот (име, презиме, студии/единица на универзитетот, број на индекс, е-mail), околности, факти и докази на кои се темели барањето и назив на органот, односно лицето на кое се однесува барањето.
При вршењето на својата работа, студентскиот правобранител се води од принципите на непристрасност, недискриминација, доверливост, достапност, одговорност, отчетност и законитост.
Студентскиот правобранител не е овластен да ги застапува студентите пред други државни органи, односно во ниту една ситуација не може да ги штити правата на студентите надвор од академската заедница.
За својата работа студентскиот правобранител поднесува годишен извештај до Сенатот на Универзитетот.
|