Универзитетската школа на докторски студии започна со работа во академската 2011/2012 година, со воведување нов концепт на трет циклус студии - докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Сите податоци и информации поврзани со Универзитетската школа на докторски студии се објавени на интернет страницата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во делот Школа на докторски студии.
Докторските студии на „Св. Кирил и Методиј” во Скопје се реализираат во согласност со правилата на Болоњскиот процес и со европскиот кредит-трансфер систем што овозможува нивна меѓународна препознатливост и можност за интердисициплинарни научни истражувања. Студиските програми за докторски студии ги опфаќаат голем број на научни области во сите научнoистражувачки подрачја, односно научно-истражувачки полиња од прво ниво според Меѓународната фраскатиева класификација: природно-математички науки; техничко-технолошки науки; медицински науки и здравство; земјоделски и ветеринарни науки; општествени науки; хуманистички науки и уметности.
Дел од докторските студии се организираат и како интердисциплинарни студиски програми во кои учествуваат повеќе факултети/институти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Докторските студии имаат за цел:
- унапредување на научноистражувачката, уметничката и стручната работа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје;
- пренесување знаења на новите генерации;
- оспособување кадар кој самостојно ќе води оригинално научно истражување;
- развивање на нови технологии и уметнички проекти и
- интернационализација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Докторските студии се реализираат од страна на факултетите, научните институти и јавните научни установи - придружни членки на Универзитетот, согласно со Законот за високото образование, студиските програми и Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трет циклус студии - докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, објавен во Универзитетски гласник бр. 530 од 31 декември 2020 година ( Правилник). Согласно преодните и завршните одредби, сите запишани студенти до влегувањето во сила на овој Правилник, продолжуваат да студираат според структурата на студиските програми на кои се запишале. За сите предмети/активности во студиската програма се доделуваа толку ЕКТС-кредити, колку што е предвидено во студиската програма на која студентот се запишал.
Докторските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, се координира од Универзитетски стручен совет за докторски студии, што се формира од страна на Универзитетскиот сенат и брои 11 членови од сите научноистражувачки подрачја. Со Универзитетскиот стручен совет на докторски студии претседава проректорт за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Стручните, административните и техничките работи за потребите на Универзитетскиот стручен совет за докторски студии се вршат од страна на Стручната служба на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
За секоја студиска програма, факултетот/институтот има Совет на студиската програма. Советот на студиската програма го сочинуваат лица, избрани во наставно-научни и научни звања на факултетот/институтот, акредитирани во студиската програма.
Стручните, административните и техничките работи за потребите на студиската програма се вршат од страна на Стручната и административна служба на факултетот/институтот. Активностите на Универзитетската школа на докторски студии се пропишани со годишен Академски календар.
|